
д-р Бранислав Ристески, виш научен соработник
Образование
Роден сум на 24. 04. 1959 година во Прилеп, каде што завршив основно и средно образование. Во 1983 година ги завршив студиите на Наставнонаучната и студиска група за историја на уметноста со археологија при Филозофски факултет во Скопје со одбрана на дипломската работа со наслов: "Ранохристијански сакрални објекти во прилепскиот крај".
Постдипломските студии ги запишав на Филозофскиот факултет во Скопје, Институт за историја на уметноста со археологија, а после положените испити и одбраната на магистерскиот труд со наслов "Средновековна куќна керамика од Македонија (VII - XIV век)" на 31. 10. 1998 година се стекнав со звање магистер по археологија.
На Филозофскиот факултет во Скопје на ден 5. 11. 2002 година ја одбранив дисертација со наслов: "Средновековно грнчарство во централните делови од Балканскиот Полуостров" и се стекнав се звање доктор на археологија.
Напредување во струката
Во 1988 година се запослив во Институтот за старословенска култура во Прилеп на работно место помлад асистент, а од 1998 година, после одбраната ма магистерскиот труд и изборот во звање ( Билтен на универзитетот "Св. Климент Охридски" - Битола, бр. 189, Битола 1998, 63 - 64.) на работно место асистент-истражувач.
После одбраната на докторската дисертација и изборот во звање (Билтен на универзитетот Св. Климент Охридски - Битола, бр. 244, 2004, 84 - 88), бев распореден на работно место научен соработник, истотака во ЈНУ Институт за старословенска култура - Прилеп. Во 2006 година бев избран во звање виш научен соработник во ЈНУ Институт за старословенска култура - Прилеп.
Научноистражувачка работа.
Во досегашната своја научноистражувачка и стручна дејност бев ангажиран како соработник или главен истражувач во работата на повеќе национални и меѓународни научноистражувачки проекти од областа на археологијата реализирани од Институтот за старословенска култура - Прилеп, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј - Прилеп, Заводот за заштита на спомениците на културата, Уметничка галерија и Музеј - Битола, Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје и др.
Национални научноистражувачки проекти - соработник
Така, во времето од 1981 до денес, учествував во реализацијата на поголем број национални научноистражувачки проекти, реализирани од Институтот за старословенска култура од Прилеп, меѓукои и:
- “Средновековен Прилеп, раносредновековни словенски населби, настанување и развиток на градската населба и тврдината Маркови Кули”, главен истражувач д-р Бошко Бабиќ (1981-1990 г.);
- “Првите словенски населби на Балканот во светлината на археолошките истражувања на локалитетот Градиште кај селото Дебреште”, главен истражувач д-р Бошко Бабиќ (1981-1989 г.);
- “Карактетистики и специфичности на културата на Македонските Словени од доселувањето до крајот на XIV век во светлината на археолошката документација”, главен истражувач д-р Бошко Бабиќ (1984-1990 г.);
- “Раносредновековни населби и некрополи во Македонија од VI/VII до VIII век”, главен истражувач д-р Бошко Бабиќ (1988-1990 г.);
- “Материјалната култура на народите во Македонија - првите старохристијански и словенски црковни центри во Македонија”,
главен истражувач проф. д-р Блага Алексова (1996-1998 г.); - “Културно - ликовно минато на Мариово”, главен истражувач проф. д-р Петар Миљковиќ - Пепек (1989-1998 г.);
- “Убикација на средновековна Битола”, главен истражувач д-р Томе Јанакиевски (1996-2001 г.);
- “Методологија за дигитализирање во археологијата, историјата, историјата на уметноста и етнологијата”, главен истражувач д-р Данчо Давчев (2006 г.).
Меѓународни научноистражувачки проекти - соработник
Во истиот период бев активно вклучен во реализацијата и на следните меѓунараодни научноистражувачки проекти:
- “Етнокултурни паралели”, главен истражувач д-р Бошко Бабиќ (1984 - 1989 г.);
- “Примена на современите аналитички инструментални техники за испитување на античката мат - боена керамика и некои византиски уметнички наоди ”, главен истражувач д-р Биљана Минчева - Шукарова (2006 г.);
- “Дигитализација на културното наследство”, главен истражувач д-р Данчо Давчев (2007 г.).
Национални научноистражувачки проекти - главен истражувач
Сметам за неопходно да нагласам дека во рамкита на научноистражувачкиот проект ”Карактеристики и специфичности на културата на Македонските Словени од доселувањето до крајот на XIV век во светлината на археолошката документација”, кој претставува досега единствен обид за комплексна научна интерпретација на сите досега познати средновековни движни наоди од Република Македонија, ја подготвив програмата и ја координирав нејзината реализација за периодот од 1988 до 1990 година.
Во рамките на научноистражувачкиот проект ”Културно-ликовно минато на Мариово”, кој претставува досега единствен обид за комплексно истражување на поголема биогеографска целина во Република Македонија, раководев со археолошките истражувања.
Во периодот од 2004 до 2008 година бев главен истражувач на научноистражувачкиот проект “Доцноантички и средновековни населби во северна Пелагонија”. Овој научноистражувачки проект претставува обид за сублимирање на резултатите од досегашните археолошки истражувања на остатоците од доцноантичките и средновековните рурални и градски населби во северниот дел од Пелагонија, доистражување на круцијалните наоѓалишта од ова време, како и нивно интерпретирање низ призмата на социјално-економските процеси во овој исклучително значаен регион во централните делови од Балканскиот Полуостров, што услови комплексна анализа на целокупната досега оформена докумантација и на целината на откриените доцноантички и средновековни материјални остатоци од северна Пелагонија, како и преземање на сеопфатна археолошка проспекција на споменатиот регион, и најнакрај изведување на обемни ревизиони археолошки истражувања на просторот од културниот комплекс Маркови Кули. Ваквите зафати овозможија да се добијат заокружени сознанија на второ ниво за просторниот распоред на структуралните елементи на доцноантичката населба на просторот од Маркови Кули ( претпоставената Ceramiae), прото урбаната полносредновековна населба на истиот простор, како и поцеловити сознанија за доцносредновековниот град Прилеп. Ова беше основа да се оформат почетни сознанија за карактерот и хронологијата на досега познатите доцноантички и средновековни населби во регионот на северна Пелагонија.
Од 2005 година раководам со проектот “Систематски археолошки истражувања на манастирскиот комплекс Св. Никола с. Манастир-Мариово” со кој се прави обид да се заокружат досегашните археолошко-архитектонски и историско уметничките истражувања на овој особен културен комплекс.
Во текот на 2007 година започнав со реализација проектот “Систематски археолошки истражувања на културниот комплекс Трескавец, с. Дабница”, а кој има за цел комплетно доистражување и ревитализација на овој значаен средновековен комплекс од централните делови на Балканскиот Полуостров.
Од 2007 година раководам со проектот “Систематски археолошки истражувања на манастирскиот комплекс Св. Преображение, с. Зрзе”, при што, покрај доистражувањата на доцносредновековниот манастирски комплекс, централно место заземаат проучувањата и реконструкцијата на уникатните остатоци од средновековниот монашки комплекс, прелиминарно датиран во времето од средината на IX до последните децении на XV век, како и остатоците од ранохристијански и средновековен црковен комплекс датиран во времето од последните децении на IV до крајот на XV век.
Образовна дејност
Покрај активната помош при изработката на голем број дипломски и магистерски работи изработувани од страна на студенти на Институтот за историја на уметноста и археологија при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје, во последните години сум вклучен во реализацијата на постдипломските студии на ЈНУ Институт за национална историја при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје.
Во моментот сум ментор на м-р Миланчо Миленкоски при изработката на неговата докторска дисертација од областа на археологијата "Ранохристијнски црковни центри во регионот на Брегалница".
Библиографија
Како резултат на досегашната научноистражувачка работа публикував и подготвив за публикување дваесетина научни трудови, меѓу кои ги издвојувам:
- Доцносредновековна трпезна керамика од Македонија (XII - XIV век), проч. на Конференција на млади научници од Балканот, Софија 1990 година.
- Раносредновековни наоди од Скупи, Македонско наследство број 19, Скопје 2002 год.
- Medieval settlements in Macedonia, (XIV Congres de International Union of Prehistoric and Protohistoric Sciences, Liege, Belgique, 2-8 sept. 2001), Liege 2002.
- Ранохристијанска камена пластика од Трескавец кај Прилеп, Македонско наследство, број 20, Скопје 2002 год.
- Средновековна садова керамика од скопско, Македонско наследство број 21, Скопје 2004 год.
- Раносредновековно грнчарство во централните делови од Балканскиот Полуостров, Научно списание Универзитет Св. Климент Охридски Битола 2, Битола 2006;
- Раносредновековна садова керамика од Република Македонија, Визатиски временик 38, Москва 2006;
- Markovi kuli Varosh, Prilep, basic phases, JONAS 15, Stockholm 2006;
- Development of the fortification on the locality “Markovi Kuli, Varosh – Prilep” JONAS 15, Stockholm 2006
- Словено-византиски елементи во раносредновековната садова керамика од Република Македонија, Јубилеен зборник на Институтот за историја при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Скопје, Скопје 2007
- Придонесот на руските научници во проучувањето на средновековното грнчарство во Република Македонија, Материјали од Македонско-рускиот научен собир „Македонија и руската политика на Балканот помеѓу двете светски војни ”, МАНУ Скопје 2008 (во печат).
- Културно минато на Мариово, Меѓународен научен собир “Социо-културни аспекти на евроинтеграцијата ”, Прилеп 2008 (во печат).
- Комплексните истражувања како основ за туристичка валоризација на културното наследство врз примерот на културните целини во северна Пелагонија и Мариово, Меѓународен симпозиум “Туризмот во 21 век” , Скопје 2008.
Монографски трудови
- Средновековно грнчарство во централните делови на Балканскиот Полуостров, Прилеп 2008, (во печат);
- Градешница: римска вила и ранохристијански сакрален комплекс, Прилеп 2008 (во печат)
